Даночните власти во Шпанија го истражуваат Нејмар за наводно затајување на даноци од приходите во последните месеци во Барселона, информира „Ел Мундо“.
Напаѓачот го напушти клубот во август 2017-та година, за да премине во Пари Сен Жермен за рекорден трансфер. Во 2017-та годината тој помина повеќе од 183 дена во Шпанија и според локалните закони треба да ги плати сите даноци таму.
Даночните власти се интересираат конкретно за бонусите што ги доби Бразилецот. Месеци пред да замине во Франција, Неј Џуниор потпиша нов договор со Барса, за кој беше договорено да прими 40 милиони евра бонус. Неофицијалната информација е дека му биле исплатени 14 милиони евра од оваа сума, а останатите 26 милиони требало да бидат пренесени покасно во годината. Подоцна се дојде до трансфер во ПСЖ, по што од „Камп Ноу“ одбија да му ги дадат останатите. Ова прашање помеѓу Нејмар и клубот стигна до судот, каде што сè уште нема решение.
Властите побарале документ од Барселона, со кој ќе се потврди колку точно од овој бонус навистина бил исплатен на Нејмар, бидејќи има сомнежи, дека Бразилецот може и да не платил дел од своите обврски кон државата. Јужноамериканецот треба да достави и официјален документ колкав бонус е добиен од ПСЖ за самото потпишување на договорот.