Шпанската футсал репрезентација го освои турнирот што изминатите два дена во организација на Фудбалската федерација на Македонија се одржуваше во Спортски центар „Борис Трајковски“.
Шпанците синоќа во финалето ја совладаа Македонија со убедливи 6:1 и ја докажаа својата надмоќност во однос на другите учесници на овој меѓународен турнир.
Повеќекратниот европски првак уште по првото полувреме во кое оствари предност од 2:0 ја најави победата. За разликата да не биде поголема се погрижи нашиот голман Илчо Удовалиев кој со своите одбрани го заслужи признанието најдобар голман на турнирот.
Во предигра на финалето за третото место се бореа двете поразени селекции од полуфиналните средби. Поуспешна беше Турција кој по изведувањето на пенали ја победи Финска.