Претседателот на Bританската олимписка асоцијација лорд Мојнихан изјави денеска дека младата кинеска поливачка Је Шивен е „чиста“, кога станува збор за допингот, па според тоа, случајот што се отвори околу неа и нејзиното плива;ки рекорд за Велика Британија е разрешен.
Изјавата на Мојнихан доаѓа по расправијата меѓу олимписките водства на САД и на Кина, што се закани да се претвори и во политичко-дипломатса кавга, откако еден од американските пливачки тренери изрази сомнеж во постигнувањето на 16-годишната Кинеска.
– Нејзината победа и рекорд во базенот се вознемирувачки, изјави американскиот тренер Џон Леонард за лондонски „Гардијан“.
Је победи во саботата во трката на 400 метри мешано, при што последните 50 метри ги исплива побрзо и од пливачот на САД Рајан Лохти, силен противник на пливачкиот „супершампион“ Мајкл Фелпс, освојувач на 13 олимписки златни медали.
Кинеската олимписка делегација остро реагираше на обвинувањето, тврдејќи дека нивната пливачка има досега поминато 100 разни антидопинг тестови и ниту еднаш не било откриено дека користи недозволиви средства.
– Нема никакви докази за ваквото обвинување, изјави за Би-Би-Си претставник на кинеската делегација, прашувајќи зашто една жена не би можело да исплива побрзо од еден машки натпреварувач.
Кина во деведестте години на 20 век имаше лоша репутација за масовно користење на допигот во спортот, па поранешен британски спортски функционер денеска предупреди дека без разлика на тестовите еден спортист може да користи недозволиви средства, а тоа да не биде откриено. Лорд Мојнихан, меѓутоа, смета дека Је Шивен е исклучителен талент.
– Нејзиниот резултат од саботата е големо постигнување и тоа треба да се респектира, рече Мојнихан.