Руската тениска убавица Марија Шарапова беше принудена поради настинка да го предаде 1/4-финалниот дуел на мастерс турнирот во Рим, уште пред почетокот на мечот против Италијанката Сара Ерани.
Атрактивната блондинка преку својот твитер профил соопшти дека во текот на синоќешната вечер имала здравствени проблеми, а лекарските третмани не ги дале посакуваните резултати.
– Жалам што морам да се повлечам. Не се рехабилитирав целосно од настинката што ме мачеше минатата недела, а сега состојбата повторно ми се влоши. Ова ми е еден од омилените турнири и едвај чекам догодина да се вратам и да атакувам на титулата – изјави Шарапова.
Во меѓувреме, светскиот рекет број 1 Серена Вилијамс продолжува да ги „масакрира“ своите противнички, откако последна нејзина жртва е Шпанката Карла Суарез Наваро со 6-2, 6-0 за својата 22. победа во низа.
Ова е најдолга победничка серија во кариерата на Вилијамс, која претходно два пати имаше славено во 21 меч во низа, во 2002 и во 2003 година.