Шаховскиот клуб „Алкалоид“ атакува на двете шампионски титули во екипна конкуренција

Од:

Најтрофејниот шаховски и еден од најуспешните клубови во историјата на македонскиот спорт, Шаховскиот клуб АЛКАЛОИД, на претстојниот Екипен шампионат на Македонија кон крајот на овој месец атакува на титулите во машка и во женска конкуренција.

Шахистите на овој клуб од 1991 година досега 24-пати биле државни шампиони во екипна конкуренција, при што во последните десет години во низа освоија исто толку титули, што е многу редок подвиг на кој било спортски клуб!

Во екипата на ШК АЛКАЛОИД се пријавени 11 шахисти, при што „костурот“ е составен од најуспешните македонски Велемајстори: Трајко Недев (со рејтинг 2465), ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2402), ВМ Звонко Станојоски (2351), ВМ Роландо Кутиров (2292), како и Интернационалниот мајстор Филип Панчевски (2452). Трендот на подмладување на екипата што започна со воведување на ИМ Тони Лазов (2356) пред неколку години, минатата година продолжи со Филип Михов (2286), а оваа година за екипата ќе настапи и доскорешниот член на јуниорската екипа Михаил Јорданов (2152). Екипата е засилена со силните странски Велемајстори Нодирбек Јакубоев (2630) од Узбекистан и Велимир Ивиќ (2.570) од Србија, заедно со Велемајсторот Александар Инѓиќ (2601) од Србија кој веќе неколку години ги брани боите на македонскиот шампион.

Ова ќе биде 31. издание на Екипниот шампионат на нашата земја, а во елитното друштво оваа година, покрај екипите на Алкалоид, Прилеп, Гамбит Ассеко СЕЕ, на Куманово 1, Гостивар и на Анпасан СЕШ, ќе играат и две нови екипи: Пелагон (од Прилеп) и Шкупи (од Скопје), кои минатата година се квалификуваа како најдобропласирани во натпреварите од Втората лига.

Конкуренцијата и меѓу женските екипи се засилува од година во година, па се очекуваат интересни и драматични борби над шаховската плоча и меѓу нашите шаховски кралици.

Велемајсторот Влатко Богдановски ќе биде тренер на женскиот тим кој ќе игра во посебниот шампионат за припадничките на понежниот пол. За женската екипа на ШК АЛКАЛОИД се пријавени Женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска (1968), Женските ФИДЕ мајстори Весна Секуловска (2065) и Моника Стојковска (2019), како и младата Леа Ефтовска (1661). Екипата ќе настапи со двете силни шахистки и Велемајстори од Грузија Бела Котенашвили (2475) и Лела Јавакишвили (2441).

Двата екипни шампионати ќе се играат според Бергеровиот систем, односно на секој од нив ќе настапат вкупно осум екипи и ќе се играат седум кола (секој против секого). Притоа, во машка конкуренција екипите настапуваат на шест табли (со исто толку резерви), додека, пак, во женска конкуренција екипите настапуваат на четири табли (со две резерви).

Турнирот започнува на 26 август, а ќе се одржи во хотелот „Метропол“ во Охрид, при што партиите од редовните кола започнуваат секој ден од 16:00 часот (освен последното коло, кое ќе биде на програмата на 1 септември од 10 часот).

ПР Текст

Би можело да ве интересира

„Алкалоид“ со две признанија за придонес во безбедноста и здравјето на своите вработени

Неизвесноста продолжува: ИМ Панчевски се приклучи кон водечката група

Првенства на Македонија во шах: за титулата кај мажите има повеќе кандидати, додека, пак, шахистките на ШК Алкалоид се издвоија во женска конкуренција

Алкалоид со рекорден извоз од 58,1 милиони евра, инвестиции од 4,8 милиони евра и со 90 нови вработувања во земјава во периодот јануари – март 2024

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ најпосакуван работодавач за 2023 година – апсолутен победник според „Вработување.ком“