Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска организираше прием за шаховскиот клуб Гамбит Асеко кој на Европскиот клупски куп што викендот заврши во Скопје го освои сребрениот медал во женска конкуренција.
– Задоволство ми е да се сретнам со новите шаховски херои на нашата земја, претставниците на Гамбит Асеко СЕЕ кои покрај тоа што се прикажаа како добри домаќини на Европскиот клупски куп, истовремено постигнаа врвен спортски резултат со освојување на сребрениот медал во женска конкуренција. Република Македонија во изминатиот период има големи резултати во шахот, а четворица македонски шахисти се носители на највисокото спортско признание „спортска пензија“. Јас верувам дека и во иднина македонските шахисти ќе постигнуваат врвни резултати, изјави Спасески.
Тој изрази уверување дека дел од како што рече, хероините на Гамбит Асеко ќе сакаат да добијат македонско државјанство и да ја претставуваат Македонија на претстојните светските шаховски меѓународни натпреварувања.
Една од членките на Гамбит Асеко која настапи на овој куп и го освои златниот медал на првата табла во женска конкуренција е Бугарката Антоанета Стефанова.
– Многу сум среќна дека сум дел од екипата на Гамбиот Асеко. Имавме одлични услови за натпреварувања. Сите од клубот кон нас се однесуваа прекрасно и ние се чувствувавме како дома. Имав клупски другарки од Кина, Казахстан, Русија, но за сите нас Гамбит Асеко беше нов дом. Се радувам дека во нашето прво учество на ЕКК освоивме медал, сега е сребрен, но се надевам дека следниот ќе биде златен, истакна Стефанова.
Бугарската интернационалка е со рејтинг 2.500 и таа освои 4,5 поени од пет партии на првата табла.
Зоран Стојчевски, капитенот на Гамбит Асеко и дел од организацијата на ЕКК рече дека е задоволен од постигнатиот успех, но и од целата организација на првенството.
– Докажавме дека освен тоа што сме добри шахисти, сме и успешни организатори на големи настани со идеја да продолжиме понатаму, а како крајна цел ни е организирање на Олимпијадата 2022. Нашиот женски клуб треба да биде пример за сите деца шахисти од Македонија кон што треба да се стремат и какви успеси да постигнуваат, нагласи Стојчевски.
Гамбит Асеко на купот заврши веднаш за победникот Нона од Грузија. Во машка конкуренција најдобар пласман од македонските екипи оствари Алкалоид (6.место), Гамбит Асеко беше 26.место, Центар на 34.позиција, а Карпош на 47.место.
Следниот ЕКК ќе се одржи 2016 година во Нови Сад.