По деталните прегледи на повредениот бутен мускул на нашиот центар Предраг Самарџиски утврдено е дека повредата не е сериозна, а Самарџиски се очекува да се врати во редовен тренажен процес по само 3-4 дена одмор. Тоа се секако добри вести за селекторот Алеш Пипан, покрај синоќешниот триумф над Хрватска.
По само неколку одиграни минути на пријателскиот натпревар во Славонски Брод, Самарџиски поради повредата мораше порано да го заврши натпреварот. Првичните процени за повредата на Предраг Самарџиски се покажаа точни и на нашиот репрезентативец ќе му бидат потребни само неколку дена одмор за да се рехабилитира и да продолжи со редовни тренинзи.
Тоа значи дека Самарџиски ќе го пропушти денешниот втор контролен дуел против Хрватска во Загреб, но дека може да се очекува на првиот следен тренинг закажан за 11 август во Скопје.
Репрезентацијата на Македонија по денешната средба со Хрватска закажана за 16 часот, веднаш патува за Скопје, а репрезентативците ќе добијат три дена одмор пред продолжението на подготовките.
Со редовни тренинзи се продолжува на 11 август во СЦ „Борис Трајковски“, а на 17 август Македонија игра пријателски натпревар против Литванија во Скопје.