НБА лигашот Бостон Селтикс ги негира шпекулациите дека плејмејкерот Раџон Рондо ќе го напушти клубот, а за неговата продажба во Далас Маверикс не станува ни збор.
Рондо пропушти поголем дел од сезоната поради повреда. И покрај многубројните отсуства минатата сезона поголем број екипи се заинтересирани за негов ангажман, но управата на „Селтикси“ не се откажува од него.
– Не сме ни помислиле да го продаваме Рондо, а со Далас немавме никакви разговори. Тоа се невистини. Нема ништо на светот што може да не натера да го ослободиме Рондо. Далас се фаќа за сламката на спасот затоа што повеќе од пола нивни играчи имаат краткорочни договори, изјавија од Бостон.
Управата на „Селтикси“ сметаат дека Далас создава екипа која се базира на Дирк Новицки, но како што велат и тие имаат свои планови во кои се вклопува и Рондо.