Седумкратниот Формула 1-шампион Михаел Шумахер ќе ја продолжи рехабилитацијата од сериозната повреда на главата во својот дом во Швајцарија.
Шумахер се повреди при скијачка несреќа на 29 декември 2013 година, по што долг период помина во медицински индуцирана кома за да се намалат оштетувањата на мозокот.
– Рехабилитацијата на Михаел ќе продолжи од неговиот дом. Во последните неколку недели и месеци направи голем прогрес, но пред него е долг пат. Му се заблагодаруваме на целиот тим од клиниката во Лозана – вели менаџерот на Шумахер, Сабине Кем.
Откако се разбуди во клиниката во Гренобл, Франција, 45-годишниот Германец во текот на летото беше префрлен во одделот за рехабилитација во Универзитетската клиника во Лозана.