Канадскиот тенисер со црногорско потекло Милош Раониќ преку социјалните мрежи соопшти дека нема да учествува на УС Опен поради повреда на левата рака.
-Како што е познато изминатиот период имав проблеми со зглобот на левата рака. Тоа беше причината да се повлечам од Мастерсот во Синсинати. Не успеав да ја санирам повредата и во консултација со мојот лекар одлучив да го откажам учеството на УС Опен, објави Раониќ.
Претходно, исто така поради повреда, своите настапи на Отвореното првенство на САД ги откажаа Новак Ѓоковиќ, Стен Вавринка и Кеи Нишикори.
Главниот турнир во двете конкуренции на Грен слемот во Њујорк почнува в понеделник (28 август) и ќе трае до 10 септември.