Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, денеска го промовираше Емил Рајковиќ за нов шеф на стручниот штаб. Според потпишаниот договор Рајковиќ ќе го предводи Работнички во следниве 2,5 години, соопштија од управата на клубот.
На денешната промоција Емил Рајковиќ не го криеше своето задоволство од ангажманот во Работнички.
– Огромна чест и задоволство ми е што се враќам дома по 10-11 години отсуство од „Градски Парк“. Се наоѓам пред тешка задача да го вратам клубот на победничките патеки за што од управата добив гаранции дека проектот за враќање на сјајот на Работнички е сериозен. Наша прва цел е обезбедување пласман во Суперлигата, а потоа и влез во плеј-офот, а веќе од наредната сезона да станеме сериозен претендент за освојување на титулите во македонската кошарка, рече Рајковиќ.
Тој најави формирање на екипа која ќе биде гордост на навивачите на Работнички, но побара време за постигнување на главните резултати.
Најголем проблем за новиот тренер на 14-кратниот македонски првак ќе биде наоѓање замена за центарот Немања Јелисијевиќ, бидејќи тој најверојатно ќе го напушти клубот, а беше еден од главните поентери.
– Во овој период пазарот е ограничен и имаме само 5-6 дена да најдеме нов центар. Веќе на 26 имаме куп натпревари, а на 9 февруари продолжува првенството. Сега треба да ја стабилизираме екипата, а главните трансфери ќе следуваат во летниот период, истакна новиот тренер на Работнички.
Рајковиќ следниве дена ќе го комплетира и стручниот штаб преку назначување на неговите помошници.