Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години денеска ја совлада Швајцарија со 62:53, со што заврши на четвртата позиција на табелата во групата Ц на Европското првенство Б дивизија. Македонија по оваа победа ќе учествува во борба за пласман од 9 до 16 место.
По поразите против Словенија, Финска и Норвешка во првите три дена од континенталниот шампионат, избраниците на Мирза Куртовиќ, денеска ја остварија првата победа. На натпреварот одигран во Софија, Андреј Цветковски со 23 постигнати поени беше најпрецизен играч во македонскиот состав, додека Филип Бакоч, имаше ефект од 13 поени и 9 скокови.
Утре на Европското Првенство е слободен ден, а според системот на натпреварување, следниот натпревар избраниците на Мирза Куртовиќ ќе го играат в среда, кога за противник ќе ја имаат третопласираната селекција од групата Д, односно поразениот од денешниот меч помеѓу Израел и Исланд.