Во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје денеска ќе биде промовирана сликовницата „Спортски Бон-Тон“.
Со промоцијата ќе се заокружи проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)“, што под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, го имплементираше Геостратешкиот институт „Глобал“.
Сликовницата ќе ја промовираат претседателот на „Глобал“, Иван Анастасовски и Татјана Стојановска – Иванова.
Целта на проектот е да се промовира спортски бон-тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавање со нивните традиции, култури и обичаи. Проектот „Традиционални спортски игри“ се реализираше преку спортско-културни манифестации во општините Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид и во Свети Николе.
Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.