Владата на Велика Британија го поддржа планот за продолжување на фудбалските натпревари во јуни.
Ова го изјави Оливер Дауден, државен секретар за култура, медиуми и спорт во Велика Британија, по денешната средба со раководството на Фудбалската асоцијација, Премиер лигата и Англиската фудбалска лига.
Покрај тоа, министерот потврди дека емитувањето на натпреварите треба да биде по достапно за приврзаниците, што ги потврдува намерите повеќе натпревари да имаат телевизиско покривање, а дел од нив ќе бидат бесплатни за фановите.
„Проектот Рестарт“, на кој активно работат во Премиер лигата, планира да го обнови шампионатот на 12 јуни.
– Владата ја отвора вратата овој конкурентен фудбал да се врати безбедно во јуни. Ова треба да вклучува можност навивачите да добијат поширок пристап до преносот во живо на дуелите. Сега фудбалските власти мора да постигнат договор и да ги финализираат деталите за нивните планови. Постои заедничка добра желба да се направи ова за доброто на навивачите, фудбалската заедница и нацијата како целина. Владата и нашите медицински експерти ќе продолжат да нудат водство и поддршка пред да се донесе конечна одлука. Сите се согласивме дека ќе продолжиме само ако е безбедно. Здравјето и благосостојбата на играчите, тренерите и персоналот се на прво место, рече Дауден.