Министерството за образование и наука во соработка со Спортската академија започна процес за одржување тренинзи на еминентни имиња од областа на фудбалот, ракометот, кошарката и тенисот со учениците од академијата, изјави заменикот министер за образование и наука Спиро Ристовски.
Ристовски денеска присуствуваше на тренинг на учениците од ракометната паралелка на Спортската академија, предводен од ракометниот тренер и стратег Лино Червар во фискултурната сала при ДУФК „М.М. Брицо“ во Скопје.
– Почнавме со господинот Лино Червар за што сум му и лично благодарен, бидејќи станува збор за една од најмаркантните личности не само на македонскиот, туку и меѓународниот ракомет, рече Ристовски.
Со ова, посочи тој, ние како министерство покажуваме дека оваа спортска академија треба да се издигне на едно повисоко ниво, а многу битен елемент, освен тоа да имаме квалитетни спортисти и потенцијални репрезентативци, е и квалитетот на нивното образование.
Истовремено, Ристовски најави дека треба да излезе и новиот конкурс за селекција и уписи за учебната 2016/2017 година. Тој ги повика сите талентирани ученици од основно образование кои имаат афинитети кон фудбал, кошарка, ракомет или тенис да ги разгледаат можностите на Спортската академија.
Лино Червар по тренингот рече дека му претставува задоволство што е тука и да види дека се инвестира во деца и се градат спортски сали.
– Сметам дека тоа е вистинскиот пат. Секогаш кажувам дека инвестицијата во деца е најголема инвестиција. Ова претставува еден голем чекор што го направи Македонија и го препозна она што е денеска важно, рече Червар, додавајќи дека ако се инвестира во децата од мала возраст ќе имаме помалку проблеми во општеството и во светот.
Тој ги пофали сите кои имаат придонес за оваа приказна да оди напред, како што е министерот, Владата на Македонија и Агенцијата за млади и спорт.
– Ги повикувам сите да поддржат вакви иницијативи, што според мене се најголема и најдобра инвестиција. Да инвестираме во нашите деца, порача Червар.
Директорот на Спортската академија Дејан Јовановски рече дека академијата се труди да ги поддржи талентираните спортисти во нивниот спортски и академски развој.
– Драго ми е што проектот „Гости тренери“ започна со еден од најголемите стручњаци во ракометот на светско ниво. Би сакал да ги најавам Индира Кастратовиќ, Марин Докузовски, селекторот на фудбалската репрезентација, а понатаму се надевам да донесеме и гости од странство, изјави Јовановски.
Академијата има 779 ученици, вклучително и дисперзираните паралелки во девет града, а застапени се четири спорта – тенис, кошарка, фудбал и ракомет.