Градот Прилеп од утре до 10 април ќе биде домаќин на уште еден спортски настан од светски калибар. Имено, погодната конфигурација на теренот околу градот овозможи Прилеп да се етаблира на светската карта за екстремни спортови па така љубителите на болдерингот ќе можат да ги користат неколкуте прилепски локалитети како Марковите Кули, Камена баба и Трескавец за адреналинско спортување и афирмативно дружење со повеќе од 100 учесници од целиот свет.
Досегашното искуство на болдеристите вели дека Прилеп е неодминлива дестинација за овој спорт и како терен и како добар организатор на овие настани па затоа спортистите редовно се враќаат.
Градоначалникот Марјан Ристески изрази задоволство што Прилеп секоја година прераснува во една светска дестинација за екстремни спортови, а со тоа има потенцијал и за развој на спортскиот туризам.
Оваа година на „Krali Marko Boulder Maraton 2016“ за прв пат ќе биде претставена новата дисциплина наречена како „Highline Meeting“.
Учесниците ќе бидат сместени во камп кој се наоѓа во близина на самиот локалитет „Трескавец“.