Македонската ракометна репрезентација со победа над Австрија го заврши првиот дел од Светското првенство што се одржува во Катар, па во осминафиналето ќе игра против Словенија.
Македонските ракометари попладнево во натпревар од последното 5.коло во групата Б, ја победија Австрија со 36:31.
Најефикасен во нашата селекција беше капитенот Кирил Лазаров со 9 постигнати голови. Филип Миркуловски постигна 6, а крилата Дејан Манасков и Гоце Георгиевски придодадоа по 4 гола.
Со ефект од четири победи и еден пораз, Македонија го освои второто место зад Хрватска, а пред Австрија и Тунис.
Противник на Македонија во осминафиналето ќе биде селекцијата на Словенија, која попладнево во дуел од А групата, загуби од светскиот шампион Шпанија со 30:26 , па на крајот Словенците завршија како трето пласирани во оваа група, зад Шпанија и домаќинот Катар.
Осминафиналниот меч меѓу Македонија и Словенија ќе се игра во недела, а терминот ќе биде дополнително одреден.
Останатите четири пара за осминафиналето ќе бидат комплетирани утре, по одигрувањето на средбите од последното коло во Ц и Д групите.