Македонската кошаркарска репрезентација се подготвува за настап на претстојното Европско првенство за кое селекторот Алеш Пипан верува во добри игри и резултати.
– Македонија нема голем фонд на играчи, но тие што се селектирани се квалитетни и способни да остварат добар резултат. Младите кои се повикани ќе треба да се докажат и ако заслужат ќе добијат своја минутажа. Почетниот собир и првите тренинзи ги одработивме во Скопје, а формата ќе ја достигнуваме на подготовките и низ контролните натпревари, изјави Пипан на денешната прес-конференција.
Македонските кошаркари утре патуваат на подготовки во Словенија. Таму ќе одиграат пријателска средба со домашната селекција, како и со репрезентацијата на Украина. Во земјата домаќин на евро-шампионатот македонската репрезентација патува без Перо Антиќ и Лестер Бо Мекејлеб кои се очекува да се приклучат на 1 август.
Иако Тодор Гечевски најави повлекување од националниот тим, во МКФ се уште оставаат можност и тој да игра на ЕП.
Следните контролки Македонија ќе ги има со Хрватска, исто така на гостински терен, потоа во Скопје доаѓа Литванија, па следуваат два дуела со Шпанија и за крај натпревари во Улм со Грција, домашната Германија и БиХ.
Повторување на добрите игри и резултати од последното Европско првенство кога Македонија беше четврта очекува центарот Предраг Самарџиски.
– Можеме да се носиме со притисокот за високи резултати. Имаме квалитет да одиме скалило погоре и се надевам дека така ќе биде во Словенија, рече Самарџиски.