Македонскиот селектор Алеш Пипан по денешниот пораз на неговите избраници од Босна и Херцеговина причините за неуспехот ги гледа во слабиот скок и поголемата мотивираност на противникот.
– Потфрливме, пред се, во скокот. Играчите треба да знаат што треба да прават на теренот, а тоа не беше случај во овој сегмент од денешниот дуел. Против Србија тоа беше еден од клучевите за нашата победа, но овој пат целосно потфрливме. Моите кошаркари како да очекуваа Босанците уште пред почетокот на мечот да се предадат, но тоа не се случи. Противникот во средбата влезе крајно мотивирано, беше подобар од нас. Ние како да чекавме еден од друг некој да повлече. Тоа не беше нашата игра, тоа не беше нашето вистинско лице, изјави Пиан.
Македонија попладнево загуби од Босна и Херцеговина со 62:54 и со три порзи од четири натпревари е само со теоретски шанси за пласман во следната фаза од Европското првенство кое се одржува во Словенија.