Дани Олмо, фудбалскиот репрезентативец на Шпанија изјави дека неговата репрезентација е подготвена за претстојното финале на ЕП против Англија.
„Мораме да бидеме внимателни со нив. Дадоа неколку гола на крајот од натпреварите. Мораме да бидеме 100 проценти внимателни, не е важно дали ќе играме 90 или 120 минути“, изјави Олмо за „Кадена СЕР“.
Тој тврди дека шпанската репрезентација има одлични играчи кои прават разлика на теренот.
“Нашиот капитен Алваро Мората го кажа ова на почетокот на турнирот. Имаме играчи кои се различни на индивидуален план, како Нико Вилијамс и Ламин Џамал. Тие можат да го уништат противникот еден на еден. Меѓутоа, во репрезентацијата исто така има играчи кои имаат освоено се во нивните кариери, како Родри, Начо или Карвахал. Не се плашиме од никого“, додаде шпанскиот репрезентативец.
Олмо (26) се осврна на изјавата на селекторот на Англија, Герет Саутгејт, кој рече дека Шпанија ќе има ден повеќе одмор пред европското финале.
“Не се одморивме премногу ниту за натпреварот против Франција во полуфиналето на ЕП. Секогаш велевме дека за да победиш треба да се соочиш со најдобрите тимови. Игравме со сите и победивме. Сега на ред е Англија, ние сме подготвени“, изјави шпанскиот фудбалер.
Олмо е член на Лајпциг, а некои медиуми објавија дека шпанскиот репрезентативец би можел да ја промени средината по Европското првенство.
“Моите луѓе знаат што сакам. Имам премногу работа на ЕП за да размислувам за други работи. Имам договор со Лајпциг, среќен сум во овој клуб. Не би требало да има никакви проблеми. Се што сакам е да продолжам да победувам“, заклучи Олмо.