Македонскиот селектор Ивица Обрван по денешниот меч со Иран на СП во Катар изјави дека е задоволен од сработеното на првите два натпревара и оти максималните четири бода се причина повеќе за радост отколку осцилациите на дуелот со Иранците. Тој ги пофали дел од играчите кои го почнаа мечот за добрата игра, оценувајќи дека на нив може да се смета и во натпреварите што следуваат.
– Честитки за селекцијата на Иран за добриот меч, тие се прикажаа во многу добро светло. Кај нас се виде заморот и психолошката истоштеност од првиот натпревар, а желба ми беше да ги распоредам силите и минутажа да добијат сите ракометари. Најважно од се е што победивме и одиме во следниот круг со четири бода. Секако, не ми беше планот „резервите“ да ги играат сите 60 минути, задоволен сум од она што го прикажаа на теренот. Нормално беше во клучните моменти да играат најдобрите, сепак, за мене најважно е што ја остваривме целта, а тоа беше максимално четири бода по првите две кола, изјави Обрван на прес-конференцијата по натпреварот.
Капитенот Кире Лазаров не е премногу задоволен по денешниот втор натпревар на Македонија на Светското првенство (СП), без оглед на победата против Иран. Смета дека биле потрошени повеќе сили од планираното.
– Не сум задоволен, ниту лично, ниту екипно како настапивме на денешниот натпревар. Наместо да се одмориме, ние се потрошивме повеќе од планираното. Што се однесува до стартната постава, можам да кажам дека кај нас нема прв или втор тим. Такво нешто не постои во денешниот ракомет. Јас не сум лут што почнав од клупата, едноставно ние имаме стручен штаб, кој ја сноси одговорноста околу крајниот резултат. Но, сите ние имаме заедничка цел и идеја, и правиме сѐ истата да стане реалност. На секој играч од клупата му значи минутажата на денешниот натпревар, бидејќи со тоа истовремено добиваме подолга клупа. Сега не очекува БиХ, која ќе сака позитивен резултат. Сигурен сум дека ќе се поправиме и добро ќе го анализираме противникот, изјави Лазаров по попладневната пресметка со Иран.
Македонската репрезентација денеска во вториот натпревар од мундијалот во Катар го совлада Иран со 33:31, а вчера на премиерниот настап беше подобра од Тунис со 33:25.