Репрезентацијата на Македонија вчера ја постигна и третата победа на шампионатот во Катар, а притоа капитенот и нашиот најдобар стрелец Кирил Лазаров постигна за него скромни три голови (сите од пенал).
По дуелот селекторот Ивица Обрван ја нагласи важноста на победата остварена и покрај слабиот ден на Лазаров.
– Почетокот беше одличен со високо водство, индивидуални решенија, контра-напади, одбрани, но немаше брз проток на топката. Го немавме тоа од дуелот со Тунис. Ниту Кире не беше шутерски расположен овој ден, малку и тоа влијаеше на играта. Тој е таков калибар на играч, затоа игра во најдобриот светски клуб Барселона, што присилени сте да го чекате едно полувреме. Ние бевме немоќни во нападот и затоа имаше неизвесност. На крајот го искористивме нашето искуство, а тие погрешија, рече хрватскиот стручњак и предводник на Македонија.
Репрезентацијата денеска има слободен ден, а утре на програмата е дуелот од 4.коло со Хрватска која исто како и Македонија има три победи. Воедно ова претставува и борба за првата позиција во групата.