Поранешниот тренер на КК Партизан, легендарниот Жељко Обрадовиќ, преку обраќање на YouTube каналот „Зона Прес“ потврди дека неговата одлука за напуштање на клупата е конечна и донесена по долго размислување.
„Решив да ја преземам одговорноста за сè лошо што се случи оваа сезона и стојам зад таа одлука“, изјави Обрадовиќ, посочувајќи дека процесот бил тежок и полн силни емоции.
Тој се заблагодари на навивачите, истакнувајќи дека токму тие ја создадоа атмосферата по која Партизан е препознатлив во светот.
„Напишавме приказна што тешко ќе се повтори, но тоа зависи исклучиво од вас. Вие сте најголемата сила на Партизан“, порача Обрадовиќ.
Говорејќи за односот со претседателот Остоја Мијаиловиќ, откри дека оставката била побарана да биде формално неотповиклива за, како што му било кажано, полесно појавување пред јавноста.
Неговото изненадување дошло по, како што наведе, наглата промена на ставот во клубот по реакциите на навивачите: „Што се промени за 24 часа? Она што се промени беше реакцијата на навивачите.“
Обрадовиќ потврди дека во минатото имало несогласувања со раководството, но останал бидејќи Партизан е неговата „најголема љубов“.
Ги повика навивачите да останат обединети и да го поддржат тимот: „Овој клуб ќе живее без мене, како што живеел без сите големи имиња. Никогаш не се откажувајте од Партизан.“
Тој не ја исклучи можноста еден ден да се врати, но порача дека времето ќе покаже како и кога: „Човекот го има само она што му е важно – честа и лицето.“
