Град Скопје, УЕФА, нејзините партнери и ФФМ денеска почнаа со подготовките во неутралната фан зона на плоштад „Македонија“ во Скопје. Суперкупот ќе се игра меѓу двата најуспешни европски клубови, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.
Низ градот се поставуваат билборди и мегалајти, а на 26 јули беше осветлено и Скопското кале во боите на Суперкупот. Во неутралната фан зона ќе се реализираат сите активности, а останатите две зони, платото пред Спомен-куќата на „Мајка Тереза“ и плоштадот „Филип Втори“ ќе служат како точки за средба од кои навивачите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.
Неутралната фан зона ќе биде отворена на 7 и 8 осми август, од 11 до 19 часот. Тука ќе бидат изложени трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Суперкупот и секој посетител ќе има можноста да се фотографира со нив. Трофеите ќе бидат поставени на седми август од 11 до 19 часот, а на осми август од 11 до 16 часот. Поставувањето на трофеите е дел од „Трофеј турата“ организирана од страна на ФФМ, во чии рамки млади момчиња и девојчиња од цела Македонија се натпреваруваа да дојдат до финалните дуели кои ќе се одиграат на „грас рут“ игралиштето кое ќе биде поставено во неутралната фан зона. Момчињата ќе ги одмерат силите на седми август од 11 до 13 часот, а девојчињата во исто време на осми август.
Во зоната се поставуваат и уредуваат местата определени за 1 на 1 фудбал, шутирање пенали, фудбалски тенис и freestyle фудбал. Експерти во freestyle фудбал од Франција ќе ги покажуваат своите способности и ќе ги подучуваат заинтересираните. Секој ќе може да им се придружи и да научи нешто ново.
Покрај многубројните активности во неутралната зона ќе биде поставена голема бина каде на седми август присутните ќе ги забавуваат DJ Branchez, DJ Mats, ContruDJ и Симона Попоска, а на осми август DJ Bobi, DJ Dela, Brass Brothers и Сара Мејс.
Град Скопје очекува десетици илјади посетители и за таа цел се погрижи најголемиот дел од нив да бидат информирани за знаменитостите на Скопје преку промотивно видео и голем број брошури.