Неколку стотици учесници од преку 60 земји, дел од карванот на Светскиот куп во болдеринг, денеска се натпреваруваа во слободно качување на карпите на Марковите кули и кај Трескавец.
Според градоначалникот Марјан Ристески, кој ги посети учесниците во кампот кај локалитетот Камена Баба во близината на Вештачкото езеро, Прилеп е етаблиран како центар на екстремните простори.
– Градот е на светската мапа со околни карпи совршени за болдеринг. Неколку стотиците учесници од 65 земји уживаат во предизвиците на слободното исакачување на карпите. Прилеп е на мапата на експремните спортови – почнавме со Мото-кросот, деновиве е актуелен Болдерингот, имаме светски куп во Воздухопловно моделарство, а потоа е и ултрамаратонот „Крали марко“, а потоа и Европски куп во параглајдерство со промовирање на новата платформа кај Трескавец, вели Ристески.
Учесниците се воодушевени од карпите и можностите за овој вид екстремен спорт.
– Доаѓам од Франција, Париз, прв пат сум во Македонија. Карпите се едни од најголемите што сум ги видел досега. Претставуваат прекрасна рута, вели Чарс Лукенвез, учесник од Франција.
Ова, според Ролад Солаж, од интернационалната организација „Пецел“ од Франција, е перфектна локалција за искачување, една од најдобрите во светот. – Местото е одлично за алтернативен туризам, вели тој.
Учесниците од Светскиот куп на својата рута претходно биле во Романија, потоа во Бугарија. Во понеделник ја напуштаат Македонија и заминуваат во Грција и Турција.