Иако неодамна Нејмар го продолжи договорот со Барселона до 2021 година, сепак бразилскиот напаѓач не ја крие можноста да заигра во англиската Премиер лига.
– Премиер лигата ме воодушевува. Ги сакам англиските клубови и нивниот стил на игра. Кој знае? Можеби еден ден ќе играм во Англија, изјавил Бразилецот во интервју за весникот „Сан“.
Како главна причина Нејмар ја наведува неизвесноста која ја носи секој меч во Премиер лигата каде секоја екипа може да победи секого и дека во самиот финиш не се знае кој може да ја освои шампионската титула.
Нејмар веќе има и свои фаворити во кои се гледа како нивен член.
– Манчестер Јунајтед, Челзи, Арсенал, Ливерпул, тоа се клубови во кои се гледам. Се борат до последната секунда. Но, да не заборавиме дека во Англија има и тренери од висок профил како Мурињо и Гвардиола. Тоа се тренери со кои секој играч би сакал да соработува, дополнува Бразилецот.
Нејмар на „Камп Ноу“ дојде летото 2013 година, а досега за Барселона има одиграно 176 натпревари на кои постигна 99 голови.