По двата порази во првите две кола, нашата кошаркарска репрезентација денеска се среќава силната Србија, која се уште нема пораз на Евробаскетот. И покрај различните резултати досега на Првенството на двете репрезентации, се очекува тесен и неизвесен натпревар во борбата за пласман во втората фаза.
Поразите од Црна Гора и Литванија во првите две кола ја ставаат нашата репрезентација на долниот дел од табелата, сепак, развојот на настаните на останатите натпревари во групата и натаму ги одржуваат шансите на Македонија за пласман во наредната фаза отворени и на дофат. Очигледните спорни моменти кои беа одлучувачки за конечните исходи во првите две средби, дополнително ја зголемија мотивираноста во нашиот тим пред продолжението, а селекторот Алеш Пипан, дополнет и од капитенот Перо Антиќ, на синоќешната прес-конференција најави дека допрва на виделина ќе излезе главната сила на овој тим.
„Ни случајно не планираме да се предадеме. Во ниту еден момент“, кажа Пипан пред новинарите. „Додека постои и најминимална шанса, ние сме подготвени да го дадеме последниот атом од нашата сила за да одиме понатаму. Без разлика на резултатите досега, сакам да ја пофалам борбеноста на моите играчи во секој момент од натпреварите. Исто беше и синоќа, губевме со 12 разлика, но силно верувавме дека можеме да се вратиме и успеавме, за на крај да се случи тоа што сите добро го видовме. Србија е навистина квалитетна екипа, најквалитетната во оваа група, но реков, не сме подготвени да се предадеме во ниту еден момент. Вложивме премногу за ова Првенство и повторно ќе го оставиме срцето на терен за да победиме“, дополни селекторот на нашата репрезентација.
Селекцијата на Србија одигра два одлични натпревари во првите две кола од Првенството, остварувајќи победи над Литванија (63-56) и Босна и Херцеговина (77-67). Подмладениот тим на Душан Ивковиќ игра квалитетна тимска кошарка, покажувајќи дека реално е вклучувана и меѓу најголемите фаворити за највисок пласман на Евробаскетот. Предводени од искусниот капитен, Ненад Крстиќ, но и со постојана поддршка од повеќето помлади кошаркари како Недовиќ, Бјелица, Богдановиќ и Марковиќ меѓу другите, Србите моментално го држат првото место на табелата, со најголеми шанси за пласман во втората фаза. Селекторот Ивковиќ, на вчерашната прес-конференција по победата над Босна и Херцеговина, ги потенцираше квалитетите на Македонија и побара максимален ангажман на неговите играчи.
„Македонија е одлична екипа“, кажа Ивковиќ на прашањето на новинарите да прокоментира за следниот противник. „Според мене, една вистинска екипа која е силна на сите позиции, која игра компактна кошарка и против која е навистина тешко да се игра. Својот квалитет го докажаа во Литванија и јас мислам дека тој резултат не беше случаен. Ќе биде тежок натпревар против нив и не смееме да си дозволиме ’слаби минути’ како што ги имавме досега во првите две средби. Само со максимален ангажман на сите мои играчи, со многу агресивност и трчање, можеме да да победиме“, заклучи Ивковиќ.
Натпреварот помеѓу Македонија и Србија почнува од 21.00 часот, а по него следува слободен ден во нашата група. За недела и понеделник се закажани двете последни средби кои Македонија ќе ги одигра во оваа прва фаза, против Босна и Херцеговина и Летонија и кои според моменталната ситуација се клучни во борбата за пласман во наредната фаза. Инаку, денеска покрај мечот Македонија и Србија, во Јесенице ќе се играат и натпреварите Црна Гора – Босна и Херцеговина, односно Летонија – Литванија.