Во Малага се одржува завршниот Дејвис куп турнир во тенис. Репрезентацијата на Шпанија во четвртфиналето се среќава со Холандија, а фокусот на јавноста е на потенцијално последниот професионален натпревар на Рафаел Надал.
Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Рафаел Надал четирипати го освојуваше Дејвис купот со Шпанија, а сега целта му е по петти пат да ја крене славната „салатара“.
– Нема идеално збогување. Филмските завршетоци се резервирани за американските филмови, а јас одамна сфатив дека нема да бидам еден од нив. Тоа не е нешто што ме загрижува во таа смисла. Моето збогување ќе биде тоа што ќе биде. Во таа смисла, би било фантастично сите во тимот да бидат конкурентни и да се обидеме да освоиме уште еден Дејвис куп – изјави Надал.
Шпанскиот тенисер откри дали е подготвен за „живот после тенисот“.
– Не сум загрижен за следното поглавје во мојот живот. Отсекогаш сум бил среќен без тенис. Имаше многу моменти во мојот живот кога не можев да играм тенис поради повреди, па поминав многу месеци правејќи други работи. Сега пристапот е поинаков. Од друга страна, ќе го прифатам предизвикот за голема промена во мојот живот. За секој кој поминува низ важна промена во животот, мора да прифатите дека тоа е процес и да прифатите дека работите ќе бидат малку тешки на почетокот – не знам дали е тешко, но дефинитивно поинаку – објасни Шпанецот.
Новак Ѓоковиќ најави дека ќе присуствува на турнирот во Малага. Новинарите се интересираа дали Роџер Федерер ќе го придружува Надал, бидејќи Шпанецот беше дел од неговиот проштален натпревар.
– Ситуацијата е поинаква, играв во Лејвер купот, таму бевме соиграчи. Овде сум со репрезентацијата на Шпанија и не сум разговарал со Роџер. Мислам дека распоредот на Роџер е прилично густ. Секако, ова ќе биде мојата последна недела на професионалната турнеја, но нема да биде мое „збогум“ – ќе има други можности да направам нешто – рече шпанскиот ас.