Руската хакерска група која ги објавува документите со кои се докажува допингот на огромен број светски спортисти со дозвола на светската антидопинг агенција (ВАДА), објави медицински документ во кој е објавено дека Надал користел недозволени средства, но Шпанецот тврди дека не направил ништо што е забрането.
Шпанецот користел стероиди и хормони со дозвола на ВАДА, но тој вели дека не гледа каде е проблемот во сето ова, бидејќи, како што вели, споменатите супстанци ги користел во терапевтски цели.
„Кога бараш дозвола за лек од терапевтски причини и ја добиеш, тогаш не си направил ништо што е забрането. Тоа не е никаква новост, ова е само демагогија“, тврди Надал.
„Никогаш не сум зел ништо за подобрување на своите перформанси. Лековите ги земав бидејќи докторот мислеше дека се најдобри за моето колено. Јас отсекогаш сум говорел дека спортот мора да биде транспарентен и чист, бидејќи ние спортистите не смееме да ги изневериме никогаш сите оние кои веруваат и навиваат за нас“, изјави Надал.