Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со убедливи 3-0 во победи ја добија полуфиналната плеј-оф пресметка со Фени Индустри, додека Работнички намали на 1-2 во дуелите со Кожув.
На натпреварот во Кавадарци, МЗТ Скопје Аеродром со 84:77 го победи домаќинот Фени Индустри. Гостите ги добија првите три четвртини со 19:18; 23:17 и 25:24, а кавадарчани во последниот период се доближија на само еден поен (74:75 во 37. минута), но тоа беше се што направија против поквалитетниот противник.
Кејд Дејвис со 28, Тодор Гечевски со 20 и Дамјан Стојановски со 17 поени беа најефикасни во победничкиот состав.
Во тимот на Фени вообичаено Бојан Трајковски беше најефикасен со 18 поени, Дарко Соколов реализира 17, а двоцифрен број поени забележа и Владимир Брчков – 15.
Бранителот на шампионскиот трофеј ќе почека најмалку три дена за да го добие својот ривал во финалето, откако вечерва во „Градски парк“ во Скопје, Работнички го победи Кожув од Гевгелија со 95:87.
И двете екипи имаа свои минути. По првата четвртини домаќинот водеше со огромни 31:12, во следните два периода Кожув се врати резултатски во игра намали на само три поени, а на шест минути пред крајот беше само еден поен за Работнички.
До целосен пресврт на дојде највеќе по заслуга на Јане Петровски кој постигна неколку значајни поени и ги разигруваше соиграчите.
Џон Шарпер со 20 поени кај Работнчики и Димитар Караџовски со 16 поени кај Кожув беа најефикасни играчи во двете екипи.
Следната средба меѓу Кожув и Работнички ќе се одигра в петок во Гевгелија. Евентуална победа за Кожув ќе значи историско прво финале, во спротивно ќе се игра мајсторка во Скопје.