Македонската кошаркарска федерација (МКФ) со цел да ги надмине недоразбирањата со клубовите во поглед на висината на цената за лиценците за новата сезона (која сеуште не е почната) делумно ја промени одлуката на Управниот одбор така што за лиценците на кошаркарите и кошаркарките клубови ќе треба да се плаќа исто како и во ланската сезона, а новите цени ќе важат само за странските играчи.
– Македонската кошаркарска федарација ги информира сите клубови свои членки дека во интерес на застапеноста и развојот на кошарката во Македонија, делумно ја сторнира одлуката донесена на Управниот одбор на МКФ од 07.10.2016 година, која се однесува на висината на таксите за регистрација на кошаркари и кошаркарки во сите рангови на натпреварување, вклучувајќи ги и младите кошаркари. Одлуката гласи, таксата за регистрација на домашните кошаркари и кошаркарки не се менува, останува иста како во сезоната 2015/2016, а останува на сила одлуката за висината на таксите за регистрација на странските кошаркари и кошаркарки, се вели во одлуката.
Со оваа одлука, се додава, сакаме да дадеме до знаење дека развојот на македонските кошаркари и кошаркарки, останува наш приоритет и за во иднина, а покажуваме и дека не сакаме да создаваме никакви проблеми во нормалното функционирање на клубовите.
– Со ова сметаме дека целосно се надминати сите пречки за почетокот на домашните првенства во предвидените рокови, а стартот на Првата лига останува да зависи исклучително од прволигашите. И за што не гледаме наша вина за евентуалното не играње на Првата лига. Оној што размислува и работи за развојот на кошарката во Македонија и ги почитува одлуките на Федерацијата оставаме сам да донесе одлука какви чекори ќе превземе понатаму со клубот кој го претставува, се вели во соопштението.
Одлуката на Управниот одбор на МКФ донесена на последната седница 07.10.2016, која се однесува на таксите за регистрација на кошаркари и кошаркари ќе се применува од натпреварувачката сезона 2017/2018.