Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска преку соопштение одговори на нападите од Перо Антиќ кој на социјалните мрежи негодуваше за изборот на најдобрите во годинава што изминува.
– Македонската кошаркарска федерација се чувствува повикана да одговори во името на вистината и на начинот на постапката за избор на најдобрите во Мак баскетот во 2015 година. За изборот на најдобрите Македонската кошаркарска федерација испрати барање до сите клубови, новинари и спортски работници со три празни линии во секоја од 13-те категории, на кои истите требаше сами да се изјаснат и да го напишат својот избор, а потоа МКФ само ги собра вкупните добиени гласови и на тој начин дојде до конечниот резултат и до победникот во секоја од 13 -те категории, информираат од МКФ.
При тоа во соопштението на МКФ се отфрлаат сите невистини и шпекулации упатени кон нејзиното раководество.
– Со ова само сакаме да ја запознаеме македонската јавноста со начинот на гласање и избор на најдобрите во нашата кошарка, за да некој обичен и небитен поединец не би пишувал невистини, навреди и манипупации, бидејќи истиот поединец очигледо не е посветен на својата професија и на работата која ја работи, туку е посветен на други активности, па дури и политички , а нема капацитет за такво нешто. Во статусот напишан на социјалните мрежи, навредениот спортист самиот потврдува дека изборот на новинарите и спортските работници бил вистински и бил донесен врз основа на целосната посветеност на македонската кошарка, и репрезентација во било кое време, а не врз основа на сопствени евтини маркетинг трикови. За кои што постојано имаше негативни реакции од јавноста кон истите, поради таквите изјави и неговиот однос кон Мак-баскетот. Ова е нашиот одговор на сите сегашни и идни коментари, стои во реакцијата на МКФ.
Претходно Антиќ реагираше на неговото изоставање од изборите за најдобри спортисти за 2015 година кои ги спроведуваат МКФ и Агенцијата за млади и спорт.