Организаторот на играта на македонската ракометна репрезентација Филип Миркуловски, пред малку на тренингот во Доха рече дека „црвено-жолтите“ одат на победа против Австријците за потврда на второто место во групата.
– Ќе се обидеме да постигнеме победа и да го освоиме второ место во групата, иако за такво нешто доволен ни е и нерешен резултат. Пред стартот на првенството, се претпоставуваше дека ова ќе биде дуел за второто место. Воедно, имавме време да ги увидиме грешките од дуелот со Хрватска и не смееме да им дозволиме на нашите противници да постигнуваат лесни голови, рече Миркуловски.
Околу состојбата со повредениот Ацо Јоноски, селекторот Ивица Обрван рече дека е проблематична и дека утре ќе донесе одлука околу составот.
Македонија утре од 17 часот против Австрија го игра дуелот кој одлучува кој ќе биде втор во Б групата на Светското првенство во Катар и со тоа за противник во осминафиналето би ја добил третопласираната селекција од А групата.