Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски и покрај тоа што нема победа ниту по третиот меч со А-тимот, е задоволен од изданието на неговите избраници на вечерашниот дуел со Романија (0:0), како и на претходните два, со Ерменија (0:0) и со Исланд (2:2).
– Во историјата на Македонија, немаме играно ваков фудбал. Без разлика на сè, немам замерка до ниеден играч. Секоја чест на момците. До крај има уште четири натпревари. Мислам дека до крајот на групата нема да се знае кој ќе биде втор. Се надевам дека ние ќе бидеме конкурентни до крај, рече Милевски вечерва на прес-конференцијата по натпреварот.
Тој упати критики за состојбата на теренот на Арената „Тодор Проески“.
– Искрено срамота е да се игра вакви натпревари на ваков терен. Тоа е еден од факторите за слаба реализација. Како и да е, фудбалерите одиграа извонредно и тактички и технички и заслужија барем уште четири бода од освоените три на трите натпревари. Јавноста треба да биде задоволна, затоа што имаме игра, а резултатите ќе си дојдат во наредните мечеви, додаде Милевски.
По шест кола во Ј-групата од мундијалските квалификации, Македонците имаа освоено девет бода и се наоѓаат на 4. место.