Металург го почнува новиот поход во Лигата на шампионите

Од:

Ракометарите на Металург вечерва (19 ч.) ја стартуваат новата сезона од Лигата на шампионите, гостувајќи му на францускиот тим Шамбери во рамките на првото коло од групата Ц. Македонскиот шампион по ланскиот пласман во 1/8-финалето на најелитното континентално натпреварување, очекуваат повторување на големиот успех, иако во таборот на тимот од Автокоманда се свесни дека тоа воопшто нема да биде лесно.

Кормиларот на Металург, хрватскиот стратег Лино Червар пред заминувањето за Франција ги потенцираше четирите приоритети кои ги имаат зацртано со своите избраници, од кои првиот е веќе исполнет, а тоа е пласман во групната фаза од ЛШ. На македонскиот шампион му преостанува одбрана на националниот трон, повторување на ланскиот успех во ЛШ и продолжување на развојот со младите категории. Червар истакнува дека ги очекува тешко гостување против силен противник, но Металург има свои адути и нема намера предвреме да се предава.

– Франција е велесила, а ракометот им е најтрофеен колективен спорт. Шамбери има бучна публика со добра сала, сигурно ќе имаат поддршка од 4.000 навивачи. Не очекува многу тежок меч, бидејќи тие досега немаат загубен меч во француското првенство. Шамбери се апсолутни фаворити, но нема да се предаваме. Ќе се бориме да им се спротивставиме, нема да одиме со бело знаме, иако сме свесни за нивната сила. Ќе одиме самоуверено, за да постигнеме добар резултат. Тие се фаворити на хартија, но тоа ќе треба да го докажат на паркетот – изјави Червар.

Дуелот меѓу Металург и Шамбери ќе го пренесува националниот сервис МТВ, кој ги откупи правата за пренесување на ракометната Лига на шампионите.

Вечерва прв настап во новата сезона од ЛШ ќе има и капитенот на националната селекција Кирил Лазаров, кој со својот тим Атлетико Мадрид во реприза на ланското финале го пречекува шампионот Кил во натпревар од Б групата.

Парови (прво коло)

А група: Флензбург – Монпелје 37-37, Чеховски Медведи – Партизан 38-31, Адемар – Хамбург 26-28.

Б група: Сафехоф – Констанца 35-31, Веспрем – Целје 32-22, Атлетико Мадрид – Кил (денеска).

Ц група: Горење – Ст. Петербург 35-22, Шамбери – Металург, Киелце – Силкеборг (денеска).

Д група: Кадетен Шафхаузен – Барселона 23-32, Загреб – ПИК Сегед 30-27, Берлин – Динамо Минск (денеска).

Би можело да ве интересира

Романса на теренот: Босанска ракометарка запросена по натпреварот во Белгија

Предраг Петровиќ

Вардар прв финалист на Струшкиот ракометен турнир

Еурофарм Пелистер убедлив против домаќинот Струга на отворањето на Меѓународниот Струшки ракометен турнир

Норвешките ракометарки по трет пат станаа олимписки шампиони

РФМ: Благодарност до македонската ракометна јавност

Раководството на РФМ оствари средба со женската сениорска репрезентација

Предраг Петровиќ