Металург бара помош за излез од безизлезната ситуација

Од:

Македонскиот ракометен шампион Металург преку соопштение ја алармира јавноста за безизлезната состојба во која се наоѓа не по своја вина, притоа барајќи помош од сите релевантни структури во државата.

Станува збор за бизарен случај кој може да прерасне во скандал, бидејќи челниците на спортскиот центар „Борис Трајковски“ за ист ден закажале два меѓународни спортски натпревари, на Металург против Шамбери во Лигата на шампионите, и на МЗТ Скопје против Шолнок во Јадранската АБА лига.

Интересно е тоа што и покрај предупредувањата за овој проблем дадени пред десетина дена, нема никаков напредок за разрешување на истиот, иако мечевите се закажани за следната сабота на 1. декември.

Ракометната пресметка од Лигата на шампионите треба да се одигра од 18 часот, додека кошаркарскиот дуел од АБА лигата е закажан за 20:30 часот, временски термини со кои дефинитивно е неизводливо да се одржат двата настани без притоа да нема проблеми.

Писмото, кое е испратено до Претседателот на републиката, до Владата, Агенцијата за млади и спорт, Ракометната федерација, Македонскиот олимписки комитет, Спортскиот центар Борис Трајковски и до медиумите, ви го пренесуваме во целост.

„РК Металург чувствува потреба да истапи со став во јавноста за настанатата ситуација со одигрувањето на натпреварот против францускиот вицепрвак Шамбери во ракометната Лига на шампионите, кој е на програмата в сабота, 1.12.2012, во 18 часот. Иако сите термини за натпреварите на Металург се објавени, прифатени и потврдени од ЕХФ во почетокот на септември оваа година, вклучувајќи го и натпреварот со Шамбери, доведени сме во ситуација да се соочиме со проблем со скандалозни размери предизвикан од ненамерно невнимание на менаџментот на СЦ „Борис Трајковски“ дозволувајќи во ист термин да се играат два меѓународни натпревари. Иако РК Металург предупреди на овој проблем уште пред десетина дена, пред натпреварот со Киелце во Скопје, на повидок нема решение. Очигледно дека многу фактори во државата задолжени за поддршка на спортот немаат вистински „сенс“ за натпреварите што Металург ги игра во Лигата на шампионите и за резултатите што ги постигнува во изминатите две години. Наместо поддршка и брзо и лесно решение за настанатиот проблем, соочени сме со исклучивост и тврди ставови од сите инволвирани страни. РК Металург е под силна пресија да го смени терминот за одигрување во сериозно натпреварување како што е Лигата на шампионите. Сериозноста се состои во тоа што во ракометната Лига на шампионите термините се закажани и утврдени уште во септември годинава, договорени се и платени ТВ правата со МРТ и со сите други ТВ станици во светот (Европа, Јужна и Северна Америка, Африка и Азија). Постои стриктно договарање за патувањето на тимовите и официјалните лица дваесетина дена пред секој натпревар и однапред испланиран план и транспорт на голем дигитален систем за рекламирање (ЛЦД ШАРП Систем). Се работи за сериозен пристап и структура што максимално професионално функционира. Во таква поставеност на структурата на Лигата на шампионите на ЕХФ, доведени сме во ситуација да предизвикаме инцидент без преседан и да бидеме првиот клуб во историјата на натпреварувањето што ќе го стори тоа без сопствена вина. Особено сакаме да истакнеме дека сето ова се случува во моменти кога РК Металург е вистински амбасадор на македонскиот спорт во Европа и во светот и ја има најуспешната сезона во историјата на македонскиот ракомет во машка конкуренција. Голем проблем би била и продажбата на билети, бидејќи Металург сака да биде и да остане фер кон своите навивачи, кои на секој натпревар доаѓаат во импресивна бројка од 7.000 луѓе. За последиците од овој проблем во овој момент не сакаме да размислуваме, бидејќи тие ќе бидат несогледливи и брутални по нашиот клуб и Ракометната федерација на Македонија. Затоа бараме од сите релевантни спортски фактори во Република Македонија да ни дадат поддршка во решавањето на овој банален, но од друга страна извонредно сериозен проблем“,  се вели во соопштението на Металург.

Би можело да ве интересира

Романса на теренот: Босанска ракометарка запросена по натпреварот во Белгија

Предраг Петровиќ

Вардар прв финалист на Струшкиот ракометен турнир

Еурофарм Пелистер убедлив против домаќинот Струга на отворањето на Меѓународниот Струшки ракометен турнир

Норвешките ракометарки по трет пат станаа олимписки шампиони

РФМ: Благодарност до македонската ракометна јавност

Раководството на РФМ оствари средба со женската сениорска репрезентација

Предраг Петровиќ