Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје денеска беше отворен меморијалниот турнир во мал фудбал „Херои на Македонија“.
На отварањето на турнирот присуствуваа министрите за одбрана и внатрешни работи Зоран Јолевски и Митко Чавков, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, високи претставници од Министерството за внатрешни работи и други гости.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, пред учесниците го истакна значењето на организацијата на турнирот, преку кој, како што рече, ја продолжуваме борбеноста и им се заблагодаруваме на оние кои го дале својот живот за нашата татковина.
На турнирот, кој годинава се организира по петти пат, покрај екипите на министерствата и Генералштабот на АРМ, учествуваат екипи од повеќе општини од Македонија, од каде има загинати бранители.
Турнирот е во организација на Министерствата за одбрана и внатрешни работи и Здружението ,,Херои на Македонија“.