Најдобриот плејмејкер на европското првенство во Литванија во 2011 година, македонскиот репрезентативец, Лестер Бо Мекејлеб, во интервју за српскиот весник „Спортски журнал“ изјави дека атмосферата е клучна за добрите резултати на репрезентацијата, пренесе „Макфакс“.
– Од моментот кога дојдов во Македонија, сите играчи направија да се чувствувам како дома. Заедно најдобро функционираме, неколку години составот е ист и сè е сјајно. Сите сме како браќа – вели Американецот со македонски пасош. Македонија на Евробаскетот во Словенија ќе го брани четвртото место кое го освои пред две години во Литванија. Противници на Македонија во Б групата ќе бидат Црна Гора, Босна и Херцеговина, Латвија, Литванија и Србија.
– Ова е мојата прва недела од подготовките. Имаме уште доволно време да бидеме на вистинско ниво. Потоа, како ќе одминува шампионатот ќе растеме од натпревар во натпревар – дополни организаторот на играта на македонската репрезентација.