Општина Битола и кошаркарскиот клуб „Младост“-Битола денеска и утре ќе го одржат осмиот меѓународен велигденски турнир „Битола 2018“.
Владимир Прчков, портпарол на меѓународниот кошаркарски турнир изјави дека турнирот ќе се организира во четири категории, односно момчиња родени 2003-2004 година, девојчиња родени 2003-2004 година, „микс-екипи“ момчиња и девојчиња родени 2005-2006 година и „микс-екипи“ момчиња и девојчиња родени 2006-2007 година.
– Турнирот почна претпладнево, а учесници се екипите на „Воштарница“ од Задар Хрватска, „Задар“-Хрватска, „ФМП“-Скопје, „Феникс 2010“-Скопје, „Трокал“-Кавадарци, „Декса“-Прилеп, „Ангели“-Скопје, „Јуниор“-Битола и домаќините „Младост“ и „Пелистер АД“ од Битола. Натпреварите ќе се играат во спортските сали „Младост“ и „Павел Шатев“, како и во спортските сали на средните училишта Гимназија „Јосип Броз Тито“ и „Јане Сандански“, посочи Прчков.
Организаторот и домаќин на турнирот информира дека освен младинскиот турнир, третпат годинава ќе се одржи и турнир за ветерани, повозрасни од 45 години.
– На овој турнир ќе учествуваат поранешни кошаркари од екипите на „Задар“-Хрватска, „Здравље“-Лесковац, Србија, комбинирана екипа на КК „Борец“-Велес и КК „Тиквеш“-Кавадарци, КК „Астибо“-Штип, КК „Струмица“ и домаќинот „Пелистер“ од Битола. Специјални гости на турнирот ќе бидат Стерули Андоновски, Горан Вукадиновиќ и Димитар Секуловски првиот тренер во историјата на КК „Младост“-Битола, потврди Прчков.
Мешународниот велегденски кошаркарски турнир „Битола 2018“ завршува утре со доделување на посебни признанија на кошаркарските ветерани од Битола кои го прославија овој спорт во втората половина од минатиот век, како и со доделување медали на најуспешните учесници во натпреварувачкиот дел од турнирот.