Марјан Лазовски стручен координатор на Кошаркарскиот клуб „Феникс 2010“

Од:

Марјан Лазовски, некогашниот селектор на најдобрата машка кошаркарска репрезентација на Македонија, ќе биде стручен координатор во КК „Феникс 2010“ од Скопје.

Лазовски кој ја предводеше најдобрата македонска селекција во квалификациите за Олимписките игри во Лондон 2012 година, ја прифати улогата на стручен координатор во младинската школа на КК „Феникс 2010“, во која своето богато тренерско искуство и знаење ќе им го пренесува на младите кошаркари, но и на тренеркиот кадар во клубот.

– Веќе подолг период имаме соработка со Лазовски. Тој е искусен тренер кој знае како да го извлече максимумот од секое дете. Впрочем, ако се присетите тој како тренер прв им даде вистинска шанса на браќата Стојановски кои сега се лидери на сениорската репрезентација. Но, од него и ние тренерите имаме многу што да научиме, па затоа решив нашата соработка да ја официјализираме, изјави Денис Дервишевиќ, тренер и сопственик на КК „Феникс 2010“.

Лазовски кој веќе има подготвено програма за работа на селекциите, покрај индивидуелните тренинзи со играчите, ќе го пренесува и знаењето на тренерите ангажирани во селекциите, но и школите на овој скопски клуб, кој повеќе години наназад е во самиот врв на младинската кошарка со бројни освоени трофеи државен првак, но и забележителни настапи на меѓународната сцена. Впрочем, токму настапите во Европската младинска лига (European youth basketball league – EYBL), каде КК „Феникс 2010“ е претставник на Македонија, е само една од причините за ангажманот на Лазовски.

– Во КК „Феникс 2010“ видов потенцијал, не само меѓу децата кои се членови на оваа екипа, туку и во тренерскиот кадар, а особено ме импресионира што клубот сака и се натпреварува на меѓународната сцена. Тоа е многу важно за секоја екипа. Само со настапи на меѓународна сцена, можеме да увидиме до каде напредува или во што заостануваат нашите потенцијални идни кошаркари во однос на нивните врсници од Европа. Еве, за пример земете го последниот настап на генерацијата 2003-та која во своето деби во EYBL, со четирите победи во исто толку одиграни натпревари покажаа дека се на вистнски пат. Сега, наша цел и задача е тоа да го надградиме и да одиме уште подалеку, и не само со нив, туку и со останатите селекции. Ќе биде напорно, ќе има многу откажувања од се останато, но само така ние заедно со децата ќе можеме да изградиме идни македонски репрезентативци, изјави Лазовски.

Марјан Лазовски кој во својата тренерска кариера ги предводеше прволигашките екипи на: Вардар, МЗТ Скопје, Амак СП, Пелистер, Торус и Работнички, во два наврата го освои и Купот на Македонија, а зад себе има и богато искуство со репрезентацијата на Македонија, со која беше дел од две Европски првенства (2009 и 2011).

Неговото искуство ќе биде од непроценлива вредност за напредок и развој на идните кошаркарски генерации, пред се од екипата на КК „Феникс 2010“.

Би можело да ве интересира

Српски кошаркар доживотно суспендиран поради местење натпревари

Предраг Петровиќ

Кошаркарите на Партизан поразени од Барселона

Кошаркарите на Партизан поразени од Фенербахче во седмото коло од Евролигата

„Во последните осум години тој е најдобриот тренер во Европа“

Предраг Петровиќ

Европскиот првак го напаѓа Фенербахче без тројца играчи

Ефес го “прегази“ Макаби

Предраг Петровиќ