Шкотскиот тенисер и третиот носител Енди Мареј ќе игра во финалето на првиот годинашен Грен слем Австралија Опен. Тој во денешното полуфинале го победи Рожер Федерер (Швајцарија) со 3:2 и доби можност по третпат да се бори за трофејот од овој престижен турнир.
Мареј предмалку по четиричасовна борба против вториот фаворит во Мелбурн ги доби првиот, третиот и петтиот сет (6:4, 6:3 и 6:2), а ги загуби вториот и четвртиот во тај-брејк.
Противник на Мареј во неделното финале ќе му биде првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ (Србија) кој вчера во првото полуфинале убедливо со 3:0 во сетови го совлада Давид Ферер (Шпанија).
Досега Мареј и Ѓоковиќ одиграле седум финални мечеви на турнири. Поуспешен е Шкотланѓанецот кој води со 4:3 во победи.