Поранешниот селектор на италијанската фудбалска репрезентација Роберто Манчини изјави дека му претставува чест да ја предводи репрезентацијата на „Аѕурите“ и додаде дека одлуката да си замине од селекторската функција е негов личен избор.
Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) вчера соопшти дека ја прифатила оставката на Манчини. Италијанските медиуми пренесуваат дека оваа вест ги изненадила фудбалските стручњаци на Апенинскиот полуостров.
„Одлуката да ја напуштам селекторската функција е мој личен избор. Сакам да му се заблагодарам на Габриел Гравина за довербата што ми ја даде, како и на сите членови на ФИГЦ. Им честитам и им благодарам на сите мои играчи и навивачи кои секогаш беа зад мене во последните пет години. Неверојатниот успех и освојувањето на титулата на ЕП 2021 година ќе останат во моето срце засекогаш. Бев почестен“, напиша Манчини на својот Инстаграм профил.
Манчини не сакаше да го коментира пишувањето на италијанските медиуми дека добил понуда да ја води репрезентацијата на Саудиска Арабија. Тој требаше да потпише тригодишен договор вреден 56 милиони евра.