Макс Бијаџи на денешната прес конференција го објави своето повлекување од мото спортот.
Деновиве се шпекулираше за целта на најавената прес конференција, па во игра беа варијанти дека ќе премине во тимот на Дукати, дека ќе се повлече па дури и дека ќе се врати во МотоГП.
Сепак, Италијанецот кој годинава ја освои втората титула во Супербајк шампионатот има 41 година и смета дека е време да се повлече од циркусот на две тркала.
Бијаџи е роден на 26-ти јуни 1971 година во Рим, Италија, иако како мал имал желба да стане фудбалер, за 17-от роденден на подарок добил мотор, за веќе следната година да се појави на трка во класата до 125цц и да го освои шампионатот во Италија. Успехот му гарантирал напредување во класата од 250цц, а потоа следувале настапи на Европскиот и Светскиот шампионат.
Бијаџи ќе остане запаметен по одличните настапи во МотоГП и борбите со Мајк Дуан и Валентино Роси.
Од 2006-та година Макс не успеа да се договори со фабричките тимови во МотоГП, па остана без место во најголемото светско мото натпреварување, за следната година да го објави својот договор со тимот на Сузуки во Супербајк шампионатот.
Иако имаше одличен старт во Супербајк шампионатот тимот за кој настапуваше не беше во можност да го задржи, па во 2009-та премина во Априлија, тим со кој во 2010 ја освои првата шампионска титула, а со кој годинава успеа да го повтори успехот.