Македонските ракометари денеска од 18 часот ќе играат со Катар и според првичните калкулации со евентуална победа ќе бидат многу блиску до осминафиналето.
Македонија вчера ја оствари првата победа во својот премиерен настап на Светскиот ракометен шампионат во Шпанија, откако ја совлада селекцијата на Чиле со 30:28.
Ова беше еден од најслабите натпревари на оваа генерација македонски репрезентативци. Ја немаше препознатливата борбеност и агресивност во одбраната, нападот беше многу статичен со многу изгубени топки, без течна игра и комбинации кои беа карактеристични за „црвено-жолтите“ на претходните големи натпреварувања.
Анализите треба да покажат дали напорното патување до Севиља и изоставувањето од составот на крилниот играч Влатко Темелков се дел од причините за ваквото издание против аутсајдерот во групата Б, селекцијата на Чиле.
– Среќен сум што победивме, иако на почетокот имавме нервозен пристап.Нашите технички грешки се причина за сериите на голови на противникот. Мора повеќе да се движиме во напад, да играме без топка. Ќе мора многу нешто да смениме во главите, се надевам дека утре против Катар ќе биде друг тим, рече македонскиот селктор Звонко Шундовски на пресот по дуелот со Чиле.
За Ванчо Димовски победата е најважана, во спротивно би било многу лошо и за атмосферата во репрезентацијата и воопшто за пласманот во следната фаза.
– Размислувам што ќе беше ако загубевме, пораз од Чиле ќе беше многу лошо. Имаме време да се средиме до следниот натпревар. Поквалитетни сме од Чиле, но со 22 грешки неможе да се победи посилна репрезентација. Ова се вредни бодови, а натпреварот со Катар ќе биде битка за 1/8 финале, изјави македонскиот пикер Димовски.