Шетсмина спортисти, исто толку тренери, двајца судии и членови на делегацијата ќе ја претставуваат Македононија на претстојните 32-ри Летни олимписки игри во Рио де Жанеиро.
Денеска во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК) беше претставена делегацијата која ќе патува на во Рио на игрите кои стартуваат на 6 август.
Македонија на игрите ќе ја претставуваат атлетичарите Ристе Пандев и Дрита Исљами, џудистката Катерина Николоска, Нина Балабан (стрелаштво) и пливачите Марко Блажевски и Анастасија Богдановски која ќе биде знаменосец на свеченото отворање на игрите закажно за 6 август во 1 часот по полноќ по македонско време.
– Ние сме должни да обезбедиме оптимални услови на спортистите во тек на подготовките. Тоа успеавме да го направиме и можам да кажам дека сме прилично успешни на тоа ниво. Планот за наредните Олимписки Игри е веќе во тек. Каратистите обезбедуваат одлични резултати, а младинците се испратени во Швајцарија на подготовки, истакна Васил Тупурковски, првиот човек на Македонскиот олимписки комитет на денешната свеченост.
Тргнувањето кон Бразил за нашите спортисти е најавено за 2 август.