Македонската кошаркарска репрезентација до 14 година од петок до недела (13 – 15 јануари) ќе биде домаќин на Меѓународен турнир на кој ќе учествуваат и соодветните селекции на Романија, Бугарија и Косово.
Овој Меѓународен турнир е дел од проектот на ФИБА „Заедно до М-16“, кој Македонската кошаркарска федерација (МКФ) го започна пред точно една година. Во јануари во 2016 година низ повеќе селективни тренинзи во Скопје, Битола, Струмица, и други градови низ Македонија стотина млади кошаркари тренираа под будното око на најдобрите тренери за млади категории во нашата земја.
– Овој проект веднаш го покажа својот бенефит и донесе одлични резултати. Македонската селекција за кошаркари до 14 години постигна солидни резултати на неофицијалното европско првенство во Бол Словенија, а имаше и одлична низа на победи против врсниците од неколку врвни тимови од Турција. На гостувањето во Турција беа победени екипите на Галатасарај, Фенербахче Анадолу Ефес…) Ваквите резултати ни даваат добра сатисфакција за вложувањето во најмладите категории и секако размислуваме за дополнително надградување и зголемена посвета токму во овој сегмент од кошарката. Секако и понатаму наш главен приоритет ќе остане создавање на предуслови за добивање на идни сениорски македонски репрезентативци, преку што поголема усовршување на младинските селекции, е ставот на МКФ за овие турнири.
Проектот на МКФ и ФИБА продолжува и оваа година, а токму со Меѓународниот турнир во Скопје започнуваат активностите на федерацијата во 2017 година.