Македонската кошаркарска репрезентација е во завршната фаза од подготовките за настап на Европското првенство што од 4 до 22 септември ќе се одржи во Словенија.
Играчите денеска се појавија и на последната прес-конфренција пред патувањето во Словенија. Селекторот Алеш Пипан остана доследен и списокот со 12 кошаркари ќе го соопшти в недела.
– Македонската репрезентација е подготвена. Играчите месец ипол работат како вистински професионалци и едвај чекаме да почне првенството. Ќе играме натпревар по натпревар, ќе дадеме се од себе и сите задоволни да се вратиме во Македонија. Сите групи се силни. Нашата група има посебна тежина, секој секого може да победи, некои можеби ги сметаат Литванија и Србија за фаворити, но тешко е да се прогнозира, истакна Пипан.
Тројката на Владо Илиевски во четвртфиналето на претходното Европско првенство ја однесе Македонија во борба за медалите. Илиевски е еден од најискусните во составот на Пипан.
– Главна цел е секако да се мине првиот круг, а за потоа сметам дека ќе ни биде полесно и дека ќе нема толку голем притисок и тогаш ќе бидеме поопасни, изјави Илиевски.
Македонската репрезентација до недела ќе тренира, а за Словенија се заминува на 2 септември. Македонија првиот натпревар на ЕП во Б групата во Јесенице го игра на 4 септември против Црна Гора.