Македонската репрезентација во футсал се подготвува за квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство 2018.
Репрезентативците и стручниот штаб подготовките за трите квалификациски натпревари ги одработуваат во Дојран. На турнирот кој од 7-11 април ќе се одржи во Алмати, Казахстан нашата репрезентација ќе се соочи со Чешка, Данска и домашниот Казахстан.
Селекторот на футсал репрезентацијата на Македонија Иван Божовиќ за турнирот во Алмати ќе смета на следните играчи: Антонио Петровски, Илчо Удовалиев, Влатко Петровски, Леонид Ристановски, Зоран Левески, Данило Де Соуза, Ферид Агуши, Даниел Де Соуза, Игор Леовски, Мартин Тодоровски, Драган Петровиќ, Таулант Исмаили, Адријан Мицевски, Садат Зибери, Александар Глигоров, Иван Крстевски и Еркан Сефари.
– Се наоѓаме во завршна фаза на подготовките. Гледавме голем број натпревари од противниците и сметаме дека е направена солидна анализа за квалитетот на екипите. Немаме повредени фудбалери, сите играчи се максимално подготвени и нема никаква дилема дека ќе го дадат максимумот во обид да ја исполниме нашата цел. Верувам во играчите и сметам дека со заедничка ангажираност можеме да стигнеме до бараж, изјави Божовиќ.
Како што е познато, во баражот има место за второпласираните од секоја група и за најдобрите трето пласирани селекции.
– Што се однесува до групата, секако главен фаворит за првото место е Казахстан. Тие на последното Европско првенство во Белград се пласираа на третото место. Имаат специфичен стил на игра каде го користат и голманот како играч. Чешка е редовен учесник на сите големи натпреварувања и има висок рејтинг. Знаат да играат на резултат. Тука е и квалификантот Данска, истакна селекторот на „црвено-жолтите“.
На отворањето Македонија ќе игра со домаќиниот и прв фаворит за првото место, селекцијата на Казахстан, на 9 април ќе се соочиме со Чешка, а последниот дуел го играме на 11 април против репрезентацијата на Данска.