Македонија доживеа пораз од Исланд со 22-24 (13-11) во последниот натпревар за нашата репрезентација во групата „Б“ на СП во ракомет и не се пласира во следната фаза од Мундијалот. Селекцијата на Гудмундур Гудмундсон имаше потреба од само бод за да оди во следната фаза.
Македонскиот тим имаше водство од +2 по првото полувреме по солидното претставување, но Исланд се држеше во игра, откако ги користеше грешките при играта „7 на 6“, која ја форсираше селекторот Раул Гонзалес. „Рибарите“ постигнаа дури 4 гола при празна мрежа на Македонија. Клучно за поразот беа деветте минути без гол кога Исланѓаните поведоа со +2 (16-18). Македонија не се предаваше и успеа да израмни на 21-21, но потоа противникот повторно постигна два гола и на крајот триумфираше со 24-22.
Најпрецизни кај „жолто-црвените“ беа Манасков и Лазаров со по пет погодоци, а Ристовски беше одличен на голот. Најдобар кај Исланд беше Гунарсон со десет постигнати гола.
Македонија ја заврши групната фаза на четвртото место, со две победи и три порази.
Во разигрувањето за пласман од 13 до 16 место, Македонија ќе се сретне со Русија или Србија во Келн.