Браќата близнаци Војдан и Дамјан Стојановски потпомогнати од Марјан Јаневски постигнаа 59 од 72-та поени за Македонија во победата над Белгија.
Македонската кошаркарска селекција забележа победа над Белгија со 72:67 во натпреварот од „Тофејот на Македонија“ одигран синоќа пред не повеќе од 500 гледачи во СЦ „Јане Сандански“.
Капитенот Војдан постигна 25, а неговиот брат Дамјан Стојановски беше стрелец на 20 поени за црвено-жолтите кои ја остварија првата победа на овој турнир. Јаневски пак придодаде 14 од кои и клучната „тројка“ на 24-секунди до крајот при минимално водство на нашата селекција од 66-65.
Иако сите единаесетмина играчи колку за оваа средба на располагање ги имаше селекторот Раца влегоа во игра (натурализираниот Тревис беше во составот, но не настапи), покрај споменатата трио, само уште двајца се впишаа во листата на стрелците, и тоа, Костовски кој постигна 9 и Крстевски кој запиша 4 поени.
Денеска на последниот ден од овој турнир, Македонија за противник ќе ја има селекцијата на БиХ, во дуелот кој ќе започне од 20:30 часот, додека претходно (18 часот) ќе играат Црна Гора и Белгија.
Овој турнир е дел од подготовките за сите четири селекциии пред почетокот на претстојните квалификации за ЕП.